ССО – Историја во Македонија

„Сексуалното и репродуктивно здравје и права се табу како дома, така и во училиште. Во нашето формално образование само 13% од учениците учеле за кондом, а едвај 2% за орална контрацепција. Најчеста причина за лошата здравствена состојба кај младите е неинформираноста, особено за нивното сексуално и репродуктивно здравје. Училиштето е клучно за развојот и информирањето на младите, а со тоа и вистинското место каде што тие треба да научат како да се грижат за своето здравје. Недостигот на соодветни информации е една од главните причини и за дискриминацијата, насилството, омразата и силеџиство во училишната средина. Токму затоа уште од 2009 година ХЕРА застапува сеопфатното сексуално образование (ССО) да биде дел од наставната програма во основните и средните училишта“ХЕРА




Со ова образложение започна приказната за ССО во Македонија во 2009 година, за денес веќе 12 години подоцна, истото да стане основ за кршење на човековите права, губење на родителските права, етикетирања, и пред сè сериозна грижа на родителите за здравјето на нивните деца и страв од образованието кое им се наметнува, а е единствено и задолжително.

Во март 2021 година, од страна на Владата на Република Македонија беше усвоена нова Концепција за основно образование, која е родово-сензитивна и која сè повеќе се осврнува на „сексуалното и репродуктивното здравје и права“ на децата.


Како стигнавме до тука?

Откако ХЕРА во 2009 година детектира дека меѓу младите во Македонија постои „лоша здравствена состојба“ (која не е документирана и не е јасно од нивната објава колку е „лоша“ оваа здравствена состојба и зошто од сите проблеми со кои вообичаено се соочуваат младите лица, токму ова треба да биде приоритет), ХЕРА стапи во сериозна акција со цел да обезбеди „описменување“ на младите лица така што ќе го стави „ССО на КЛУПА“.

За тоа како ХЕРА дојде до оваа идеја, доволно е да се истражи нејзината поврзаност со меѓународни сродни невладини организации. Така, лесно се стигнува до информација дека ХЕРА е членка на IPPF – Меѓународната Федерација за Планирано Родителство (International Planned Parenthood Federation).

За врската на ХЕРА со IPPF и патот на ССО до Македонија, како и тоа од каде произлегла оваа идеја на ХЕРА задолжително да ги „образува“ нашите деца за теми од сеопфатното сексуално образование (ССО), може да прочитате во статијата ССО – Патот до Македонија. Тука, ќе се задржиме на настаните после 2009 година.


———————————– 2009 година ———————————-


После спроведено истражување од страна на ХЕРА „кое потврди дека за љубовта не треба да се зборува само после часови“, на основа на ова истражување ХЕРА заклучува дека „Во Македонија има потреба од воведување на сексуално образование во училиштата“. Навистина, фер е што во документот од ова истражување нагласено е дека постои искривување во изборот на испитаниците:

„Првиот бијас се јавува заради начинот на којшто е формирана изборната рамка и начинот на кој е селектиран примерокот на испитаниците. Примерокот не е одбран по правилата на случајно назначување, но сепак се внимаваше на тоа тој да биде соодветен и во најголема можна мера да ја претставува популацијата на која се однесува. Така, беа направени соодветни примероци од секој од стратумите од испитаниците кои ги исполнуваа критериумите за кои истражувачите сметаа дека можат да понудат најмногу и најрелевантни податоци. Освен тоа беа опфатени три етнички групи во Македонија“.

Сега, особено ако знаеме дека ССО претставува промоција на бизнисот на IPPF за обезбедување услуги за сексуално и репродуктивно здравје, контрацептивни средства, кондоми, абортуси, хормони и слично, можеме само да претпоставуваме дали малку помалку или малку повеќе се „внимавало“ при изборот на испитаниците, затоа што тука, ни помалку, ни повеќе, зборуваме за менување на јавните политики на државата и целокупниот образовен процес во насока која го зголемува профитот на организациите кои го промовираат. На пример, ги учи децата дека сексуалното задоволство е нивно право, тие самите треба да одлучат кога ќе стапат во сексуален однос, им препорачува презервативи и кондоми (кои и ги обезбедува), ги учи дека абортусот е нивно право и ги упатува кон центрите на промоторите на ССО, а Планирано родителство е најголем услужувач на абортуси ширум светот.


Повеќе за бизнисот на IPPF и нивните залагања можете да разберете од следното видео:


IPPF Е РАЗОТКРИЕНА: НАЈГОЛЕМАТА ОПАСНОСТ ЗА ДЕЦАТА И СЕМЕЈСТВАТА ШИРУМ СВЕТОТ

За контроверзната страна на овие организации, може да прочитате во статијата ССО – Контроверзната страна.


———————————— 2011 година ———————————


– Во 2011 година, после наведеното истражување, ХЕРА донесува Рамка за сеопфатно сексуално образование која:

„предлага принципи и дава насоки за воведување на соодветна наставна програма за сеопфатно сексуално воспитание и образование. Документот им е наменет на оние кои донесуваат одлуки и треба да биде искористен при осмислувањето и имплементирањето на сеопфатното сексуално воспитание и образование во Република Македонија“.

Оваа рамка е изготвена во соработка на ОН, што секако не е за изненадување знаејќи го патот на ССО до Македонија.


———————————– 2012 година ———————————-


– Во 2012 година, јавно достапен е допис испратен од МОН (Сектор за средно образование) до ХЕРА и потпишан од државниот секретар Елизабета Тодоровска со кој МОН ја известува ХЕРА:

„Цениме дека едукацијата за сексуално и репродуктивно здравје е значајна за учениците, според тоа Министерството за образование и наука …. дава позитивно мислење за реализирање на проектот на предложениот проект за подобрување на пристапот на информации за сексуално и репродуктивно здравје и сеопфатно сексуално образование“.

Мислењето е дадено по добиено позитивно мислење од Бирото за развој на образованието- допис изготвен од Митко Чешларов и потпишан од Весна Хорватовиќ.


———————————– 2013 година ———————————-


– Во 2013 година, ХЕРА донесува Прирачник за наставници во основните училишта за теми од областа на сексуалното и репродуктивното здравје и права. Овој прирачник во суштина е прирачник за сеопфатно сексуално образование по теркот на програмата на IPPF. Во статијата ССО – 15 штетни елементи е дадена подетална анализа на содржината од овој прирачник.

ХЕРА незадоволна од тоа како ССО се спроведува во пракса, во јуни 2013 година, заедно со 48 други организации на кои заедничко им е дека, голем дел се финансирани и од СОРОС, потпишаа Декларација за ССО.

– Сепак, спротивно на наодите на ХЕРА добиени од „внимателно“ избрани учесници во анкетата, тогашниот министерот за образование изјави:

Ниту една иницијатива ниту притисок, или, како што рече, желба за добивање определени фондови или средства, нема да ги мотивира или да ги примора да прифатат било чија инцијатива, особено не учебници или прирачници во кои се поистоветуваат односите меѓу мажот и жената со истополовите релации. Уште повеќе, подвлече, што во посочениот прирачник на ХЕРА има куп експлицитни термини, тотално несоодветни на возраста на учениците.“.


Но, дали навистина ССО остана надвор од училиштата?

Не. Да не се лажеме. Уште во 2009 година, прирачници за изборниот предмет Образование за животни вештини, веќе од 4-то одделение вклучуваат теми како сексуално возбудување, мастурбација и слично. Во истоимениот прирачник за 7-9 одделение децата се учат како да стават кондом, промоција на истополови сексуални ориентации и други слични теми специфични за ССО. Се чини дека Митко Чешларов – раководител на секторот за наставни планови и програми во Бирото за развој на образованието, кој има завршено постдипломски студии за родова еднаквост, е лицето кое тивко ја спроведува агендата која ја застапуваат ХЕРА и други организации сè до ден денес.


———————————– 2014 година ———————————-


– ХЕРА издава „Прирачник за врсничка едукација за СРЗП“. Овој начин на делување и екипирање на младите да ја спроведуваат агендата не е ништо ново за ХЕРА. Таа политика е воспоставена повторно од страна на IPPF и истата е идентификувана како 12-ти од 15-те штетени елементи од страна на FWI.

– ХЕРА започна со кампања за нудење услуги кои ги промовира преку ССО. Услугите се доверливи, па не може да не се запрашаме што значи тоа доколку клиентите се малолетни деца, а исто така и да се потсетиме на 14-тиот од 15-те штетни елементи од анализата на FWI: Ги обезвреднува родителите и родителските права.


———————————– 2015 година ———————————-


– Сериозно загрижени за „лошата здравствена состојба кај младите“ повеќе дури и од нивните родители, ХЕРА изготви Брошура со одговори на прашањата што им поминуваат на младите низ глава, во која преку одговори на 11 прашања се промовираат кондомите, контрацептивите, абортуси и сл. – услуги и производи кои сериозно придонесуваат за билионскиот бизнис на IPPF и сродните организации.

– ХЕРА исто така е исклучително активна и пофалена од страна на IPPF во делот на активизмот со цел измена на законската регулативата за целите на постигнување „слободен абортус“, како и за промоција и распространување на медицински лекови за абортус – познати производи и услуги на нејзиното семејство – Планирано родителство.

ХЕРА бара „препознавање на граѓанските организации како даватели на услуги од здравствената заштита“ во Законот за здравствена заштита.

Интересно, покрај промоција на услуги и производи (преку ССО – презервативи, кондоми, абортус итн.) и продажбата на истите услуги и производи, ХЕРА има донесено Политика за спречување на корупција.

Според неа:

„ХЕРА ја дефинира корупцијата како искористување на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за остварување на каква било корист за себе или за друг..“

Како и да е, после неуспешната промоција на ССО во формалното образование, во 2015 година исто така, ХЕРА развива програма за НЕФОРМАЛНО сеопфатно сексуално образование, по теркот на IPPF, со кое, како што можеме денес да се увериме, ССО е длабоко навлезено во образовниот систем без знаење и дозвола од родителите, особено во средното образование.

Семинари, мастер-класови, проекти во училиштата и слично се дел од активностите во врска со ССО во наредните неколку години, сè до големиот пресврт во 2018 година.


———————————– 2018 година ———————————-


– Министерството за образование и наука ја одобри иницијативата на ХЕРА и на Бирото за развој на образованието за пилотирање на програма за сеопфатно сексуално образование во основните училишта. Исто така, Истанбулската конвенција беше преточена во 4-годишен акциски план и усвоен од страна на Владата. Овој акциски план предвидува „измена и дополнување на закони од областа на образованието и медиумите“, понатаму:

„Во областа на образованието е предвидено ревидирање на наставните планови и програми што изобилуваат со информации со кои се поддржуваат родовите улоги и се засилуваат штетните практики што резултираат со насилство врз жените. Поради ова, се планира воведување информации за ненасилно однесување, разбирање на родовата рамноправност, развивање способност за мирно решавање конфликти и разбирање и вреднување на принципот на еднаквост во основното, средното и високото образование“.

Така се предвидени измени во:

  • Законот за основно образование
  • Законот за средно образование
  • Законот за учебници во основно и средно образование
  • Законот за високо образование

во насока:

„Вклучени одредби за забрана за дискриминација согласно основите предвидени со ЗСЗД. Вклучени одредби со кои се забранува користење на наставни материјали и помагала со кои се одржуваат негативните стереотипи и предрасуди во однос на родовите улоги, сексуалноста и со кои се промовира и/или се поддржува РБН“.

Согласно Објаснувачкиот извештај кон Истанбулската конвенција:

„објаснето на едноставен начин, значи дека РОДОТ со кој се идентифицираат одредени групи на луѓе НЕ ОДГОВАРА СО НИВНИОТ ПОЛ кој им е одреден при раѓањето. Тоа вклучува категории на луѓе како што се трансродови или транссексуални луѓе, cross-dressers, травестити и други групи на луѓе кои не одговараат на тоа што општеството го воспоставило да припаѓа на категоријата „маж“ или „жена“.

Повеќе за врската на ССО и Истанбулската Конвенција може да прочитатет во статијата ССО-Врската со Истанбулската конвенција

Формирана е Работна група (18 членови) со Бирото за развој на образованието за подготовка на програма и модел за ССО во училиштата и подготвена е наставна програма и модел за пилотирање на ССО во 9. одделение која не можевме да ја најдеме поради што претпоставуваме дека не е јавно достапна.

– Фондација Фридрих Еберт, Канцеларија Скопје издаде документ „Едукација за сексуално и репродуктивно здравје во средните училишта во град Скопје – Документ за јавни политики во рамки на третиот форум за родова еднаквост 2018“.

Овој документ, кој се повикува, пред сè на работата и материјалите од ХЕРА, заклучува:

„…под итно да се започне со едукативни активности (предавања, обуки и работилници надвор од редовната настава) во сите средни училишта во градот Скопје. За реализација на оваа цел, Градот Скопје би требало во својата буџетска Програма за 2019 година да предвиди средства за финансирање на врсничките обуки“.

Па, не се за изненадување бројните настани (како на следната слика) кои ги преплавија средношколците, а видно од кои, согласност од родител не се бара“,


———————————– 2019 година ———————————-


– Во август 2019 година, донесен е нов Закон за основно образование, во кој се воведуваат термините род и родов идентитет, иако дефиниција за истите, во тој момент не е дадена во правниот поредок на државата. Овие термини не се препознати ниту во Уставот, па следствено скриената содржина на истите не е позната за јавноста. Во тој момент единствената референца до овие термини е Објаснувачкиот извештај кон Истанбулската конвенција, кој не е преведен на македонски јазик и Брошурата за правата на ЛГБТИ луѓето на ХЕРА, согласно која:

„Родовиот идентитет се однесува на личното чувство, на сопственото доживување како маж, жена, ниту едното или и двете. Кај повеќето луѓе личното чувство за родот се совпаѓа со полот назначен при раѓањето, т. е. повеќето биолошки мажи се чувствуваат како мажи. Овие луѓе се цисродови. Луѓето кај кои личното чувство за родот не се совпаѓа со полот назначен при раѓањето се трансродови. Некои од трансродовите луѓе сакаат медицински да го приспособат својот пол со помош на хормонска терапија и/или хируршки зафати“.

Така, без знаење на родителите за суштината позади термините „род“ и „родов идентитет“, новиот закон за основно образование помина без многу галама.

На 162-рата Седница на Владата на РМ:

„Владата на РСМ ја прифати Информацијата на Министерството за образование и наука за воведување пилот програма за сеопфатно сексуално образование во 9-тиот степен на основното образование во четири училишта, две во урбана средина, едно во рурална средина и едно училиште каде мнозинство од учениците се од малцинските етнички заедници.

Пилотирањето, согласно Акцискиот план е предвидено да отпочне со реализација во 2021 година, откако претходно ќе бидат завршени сите планирани чекори: изработка на материјали за обука на наставниците, обука на наставниците и изработка и пилотирање на инструментите за евалуација на пилот програмата“.

До ден денешен, МОН тврди дека иако наставниците се обучуваат, материјали и прирачници не се изготвени, иако биле услов за да почнат обуките.

– Работна група на претставници од Бирото за развој на образованието, Македонскиот центар за граѓанско образование, итн. издаваат Водич за ученици за Граѓанско образование за 8-мо одделение со стручна редакција водена од Митко Чешларов. Прирачникот на ХЕРА е една од референците во овој водич.

– Јавно достапен е допис разменет меѓу Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и МОН во кој се договара воведувањето на ССО според теркот на ХЕРА.

– Донесен е Оперативен план за спроведување на активностите кои се во надлежност на Министерството за образование и наука во 2020 година од националниот план за акција за родовата еднаквост 2018-2020

Покрај основното и средното образование, согласно овој оперативен план, се планира воведување на ССО во програмите за ран детски развој (програми на предучилишни установи) со цел унапредување на родовата перспектива.


———————————– 2020 година ———————————


– Институтот за човекови права, издава „Прирачник за наставници за примена на родова сензитивност во основно образование“, поддржан од Владата на РМ, кој има за цел „да им помогне на наставниците да ја интегрираат родовата еднаквост во образованието“.

Сепак, МОН тврди дека обуките кои се одвиваат за наставниците за теми од родовата сензитивност во 2021 година, не го користат овој прирачник и дека не постојат други материјали на основа на кои се спроведуваат обуките.

Повторно, видно од овој прирачник, е промоцијата на трансродовата идеологија „под капата“ на родова сензитивност, намалување на родови стереотипи и слично, кои лесно се „продаваат’ кај луѓето кои немаат соодветна информација дека тука не станува збор за вообичаена рамноправност меѓу биолошките мажи и жени.

– На 30 август 2020 година, Мила Царовска е именувана за министер за образование и наука. Иако не е забележано во биографијата на Царовска на веб страницата на МОН, во периодот 2005–2015 година, Царовска била програмски „координатор на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување (ХЕРА)“.

– После 4 месеци од нејзиното назначување, на 23 декември 2020 година, МОН ја објави Нацрт – Концепцијата за основно образование согласно која родовата сензитивност/ рамноправност е еден од столбовите на кои треба да се гради образованието. Во врска со истата, МОН повика на коментари, предлози и сугестии за унапредување на содржината на документот најдоцна до 20 јануари 2021 година.

Согласно новата Концепција за основно образование, ССО влегува во основното образование на две врати и тоа:


———————————- 2021 година ———————————-


– Во предвидениот рок, испративме допис до МОН, нагласувајќи дека со новата Концепција се кршат основните човекови права на родителите и дека трансродовата идеологија не е образование кое мнозинството родители би го избрале за своите деца. Исто така, укажавме дека постои најнова студија од крајот на 2019 година која укажува на погубните ефекти од ССО.

Реакција од МОН во врска со дописот – немаше.

– Во меѓувреме, беше отворена петиција против новата Концепција на која, едно од барањата беше:

„Изразуваме несогласување и со воведувањето на „Сексуалното образование“ поради несоодветната полова возраст, што може да предизвика сериозни последици кај децата (сексуалната патологија и нервно – психички нарушувања), но особено затоа што се отвара простор за можни понатамошни злоупотреби (озаконета педофилија). Дополнително „Сексуалното образование“ може радикално да ја промени моралната атмосфера во општеството и да нанесе несогледливи последици и штети“.

Оваа петиција беше доставена до МОН.

– Група на граѓани позади иницијативата Преземи одговорност, исто така испратија допис до МОН укажувајќи на контроверзните елементи кои го чинат ССО. Реакција од МОН – немаше.

– На 3.2.2021 година од страна на медиумите беше објавена информација, со која јавноста беше известена дека на 5.2.2021 година ќе се одржи Јавна расправа во матичната комисија во Собранието за новата Концепција за основно образование, предложена од страна на МОН. Здружението за заштита на човекови права ОД НАС ЗА НАС, разбирајќи дека станува збор за јавна дебата, се обиде да земе учество на истата. Сепак, разбра дека под „јавна дебата“ се подразбираат учесници кои претходно ќе добијат покана од некоја политичка партија. Ниту нашето здружение, ниту иницијативата Преземи одговорност, ниту пак подносителот на Петицијата не беше повикан на „јавната дебата“.

– На 4.2.2021 година Здружението ОД НАС ЗА НАС испрати електронска порака со прилог Апел за спротивставување на задолжителните елементи од Сеопфатното Сексуално Образование (ССО) во основните училишта. Дописот беше преведен и на албански јазик. Реакција – немаше.

Дискусијата од „јавната дебата“ беше достапна за јавноста, од која можевме да се увериме дека темите за родова сензитивност и сеопфатно сексуално образование – не беа спомнати. Официјалниот дел од расправата сè уште може да се погледне на овој линк. Активностите на Здружението беа постојано под закани и кривична пријава од страна на ХЕРА. Дури, името на претседателот на Здружението се најде на крајно вулгарен транспарент на „парадата на гордоста“.

– На 6 мај 2021 година, иницијативата УЧЕБНИЦИ И НАСТАВА МОРА ДА ИМА беше на состанок во МОН на кој министерката Мила Царовска не присуствуваше. Една од точките која е барање на Иницијативата и беше предмет на состанокт е: да се исклучи родово-сензитивното образование во основното образование. Ова барање беше дел од сите активности на Иницијативата, вклучително и бојкот и неколку протести низ повеќе градови во државата.

– Претседателот Пендаровски даде изјава дека „Македонија се обврзува до 2026 година да го зголеми сеопфатното сексуално образование, согласно меѓународните стандарди на Обединетите Нации“.

– Во август 2021 година, Советот на родители при ООУ Климент Охридски од Битола испрати барање до МОН за информации од јавен карактер. Во барањето беа поставени 4 најактуелни прашања кои ги мачат родителите во врска со родово-сензитивното образование, кое како дел од ССО го воведоа како задолжителен елемент во сите предмети од наставаната програма каде што е можно и за сите одделенија.

Прашања испратени до МОН и БРО

МОН наместо одговор, барањето го препрати до БРО кое го даде следниот одговор:

Одговор од БРО


Во суштина, БРО не даде ниту еден одговор на 4-те поставени прашања, туку го упати барателот на институциите на кои треба да се осврне. Се чини дека ова беше доволно за родителите да истражат, да осознаат и да достават ново барање до БРО, секако повикувајќи се на нивниот одговор. Барањето содржеше конкретни цитати, оние најконтроверзните од кои родителите најмногу стравуваат, со логично прашање до БРО дали тоа се тие меѓународни документи кои го кројат нашето образование?

Дополнителни прашања до БРО

Не е за изненадување што БРО не достави одговор во законски предвидениот рок, нели?. Сепак родителите останаа изненадени кога на нивната жалба поднесена до Агенцијата ЗА ЗАШТИТА на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ги извести дека информацијата што ќе учи нивното дете во задолжително основно образование, во услови кога нема објавени учебници и било какви други материјали за предметната тема, НЕ СЕ ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР И БРО НЕ Е ДОЛЖНО ДА ОДГОВОРИ!!!

Вредно е да се спомне и дека Агенцијата „ги оправдала“ БРО дека не одговориле бидејќи таков допис не добиле. Но, повратницата од доставената пошта кажува друго…. Веќе се навикнавме на сплетки и противзаконски постапувања?


После сите реакции од страна на јавноста, ставот на министерката Мила Царовска сѐ уште е дека:


Дали да ѝ веруваме покрај сето претходно наведено? Иако сите овие наоди веројатно не се сѐ што „протнале“ без знаење на родителите.

Тaка дознавме и за скандалот со извидничкиот камп Sex Scouts & Rock ‘n’ Roll во кој поврзаноста со ХЕРА е неизбежна. Потоа се случија прашалниците со сексуални содржини за деца од 12 години во основните училишта, и којзнае што уште ќе дознаеме.


Дали родителите и децата се оставени сами на себе да се одбранат од нападот на системот кон нив?


#НЕзаССО




Повеќе информации за родово-сензитивното образование, ССО, организациите кои го промовираат, отпорот, науката, штетните последици од промоцијата на транс-родовата идеологија, итн., можете да прочитате во серијата статии на темата за ССО на овоj линк.

Исто така, видеа на оваа тема достапни се на овој линк.



Родителите имаат првенствено право да го одберат образованието за своите деца согласно своите уверувања, согласно Меѓународната декларација за човекови права!

Кога науката НЕ е единствена, кога струката НЕ е единствена, мора да постои ПРАВО НА ИЗБОР!

Наметнувањето на нечии уверувања НЕ СМЕЕ да биде ЗАДОЛЖИТЕЛЕН дел од ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ОБРАЗОВЕН СИСТЕМ.

Со новата Концепција за основно образование се КРШАТ ОСНОВНИ ЧОВЕКОВИ ПРАВА!




ОГРАДУВАЊЕ: Бидејќи согласно анализите на Здружението, официјалните институции и медиуми не информираат или информираат само еднострана вистина за родово-сензитивното образование, нашето Здружение има за цел да ја презентира другата страна на вистината изложена преку научни трудови, прегледи и мислења на стручни лица (при што стручноста ја цениме на основа на нивните стручни квалификации и функции кои ги извршуваат (ле) и кои се официјално признати), како и искуствата од други држави. Цениме дека искуствата од други држави, во услови на молк на институциите, се важна информација за граѓаните, особено имајќи предвид дека нашата држава се обврзала да исполни меѓународни обврски како резултат на кои ОН препорачуваат земјата: „Да интегрира во училишните програми задолжително, соодветно на возраста, сексуално образование, вклучително и образование за сексуално и репродуктивно здравје и права, осигурувајќи дека наставниците играат значајна улога во борбата против родовите стереотипи“. Затоа, на нашите медиуми ќе бидат презентирани единствено еднострани информации кои се против родово-сензитивното образование и поопштото ССО. Но, нагласуваме дека причината за тоа не е фактот што ние сакаме да наметнеме некакво уверување врз другите, туку застануваме во одбрана на оние кои се во опасност да не можат да уживаат во своето право на морално и верско уверување и во своето родителско право да ги образуваат своите деца согласно своите уверувања, поради агресивната пропаганда на и цензура од промоторите на родово-сензитивното образование и поширокото ССО.

Со цел соодветно да биде разбран контекстот на нашите објави, ве молиме прочитајте го целосното Соопштение на нашата Страница кое ја појаснува нашата борба и причините поради кои објавуваме информации на оваа тема, на следниот линк:https://www.odnaszanas.com/?p=5022.

Доколку цените дека некоја од објавените информации не е соодветна, не е вистинита, несоодветно е преведена од друг јазик или слично, Ве молиме да нѐ известите. Имајте предвид дека нашата работа е волонтерска и Здружението нема професионално ангажирани членови. Ви благодариме.

Please follow and like us:
error